За проектот

Проектот "Странски експерти за домашни компании" отпочна во 2013 година како иницијатива од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија за зголемување на конкурентноста на малите и средни македонски компании. До денес, услугите на странските експерти ги имаат искористено преку 100 македонски компании.
Целта на ангажирањето на странските експерти е подобрување на организациските, производствените, аналитичките и маркетиншките процеси на македонските компании.
Во насока на практична реализација на овој проект, во текот на 2013 и 2014 година воспоставена е соработка со повеќе организации на експерти од Германија, Холандија, Швајцарија и Австрија, како и со Европската банка за обнова и развој (EBRD).
Владата на Република Македонија со овој проект овозможува, во соработка со странските организации кои нудат ваков вид на техничка помош, да бидат покриени средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт. Домашните компании имаат обврска да ги покријат единствено трошоците за сместување, храна и локален транспорт на експертот за периодот за кој тој присуствува во домашната компанија.
Избраните експерти, со цел да направат анализа на работењето, во период од 7 до 21 ден престојуваат во домашната компанија врз основа на што даваат свои совети и мислења во насока на подобрување на работењето и размена на искуства во сферата која е предмет на интерес.
Компаниите кои сакаат да аплицираат на овој проект, во досегашните јавни повици, потребно беше да ги исполнуваат следните услови:
  • Да постојат најмалку 2 години;
  • Да имаат најмалку 10, а најмногу 250 вработени;
  • Да имаат најмалку 51% учество на домашен капитал.
Апликациите на оние компании кои ги исполнуваат условите се проследуваат до странски организации кои нудат експертска помош. Доколку странската организација во својот регистар има експерт од областа или пак за потребата која ја има домашната компанија тогаш организацијата го ангажира. Одлуката за ангажирање на експертот ја носи домашната компанија по детална проверка на референциите на експертот и остварен директен разговор. Во договор со експертот, домашната компанија го утврдува и времето на спроведување на мисијата, согласно сопствените и можности и приликите на експертот.